Како да станеш неуспешен претприемач- Прирачник за "паметни"

Објавено: 28 март 2019 - 13:45

Сум слушнал милион изговори, оправдувања и стратегии од луѓето кои не се подготвени за успех и морам да признаам дека доста умешно и креативно ги смислуваат. Човекот по природа е инертен и не сака промени. Најголемиот страв кај претприемачите е ризикот од непознатото, па наместо да се справуваат со проблематичните ситуации тие постојано наоѓаат нови и нови тези за да го оправдаат неуспехот. 

Кога кадијата го повикал осуденикот на смртна казна и му понудил да избере помеѓу две врати- една која води до бесилката и друга која води кон нешто непознато, осуденикот без размислување ја избрал бесилката. Втората врата водела до слободата, но бидејќи тоа за осуденикот не бил познал факт, стравот од непознатото го натерал да го избере она што веќе го знае и прифаќа.

Кога разговарам со менаџери и сопственици на компании, голем број од нив се скептични за концептот на маркетинг преку социјални мрежи. Наместо да го прифатат прогресот и да се приклучат на возот кој со огромна брзина оди кон иднината, тие се обидуваат да најдат дупка во системот, да препознаат шема на измама, да го дискредитираат она што веќе со 100% ќе стане наше секојдневие.

"А што ќе ми е сајт?"- праша директорот. "За луѓето подобро да ја запознаат вашата работа." -му одговорив. "Нас веќе не знаат и интернетот не ни е потребен."- самоуверено продолжи да ме убедува. "Тогаш денес направете една фотографија од вашата компанија. Утре кога конкуренцијата ќе ве прегази, погледнете ја и сетете се на денот кога сте започнале да пропаѓате."

Стравот и апокалиптичните сценарија не се мој стил, но оние кои не веруваат дека конкуренцијата постојано работи и се надградува на сите полиња се тотални будали. Лично сведочам за тоа колку нашите конкуренти постојано напредуваат и од ден на ден се се посилни и поприсутни на пазарот. Наместо да паничиме и да тапкаме во место, на ова одговараме со нови понуди, со поголема застапеност во јавноста, со креативна промоција и со борба до последниот здив.

Јасно е дека не се сите технички потковани и поимите како хостинг, домен, сајт, адверт и слично им предизвикуваат тешкотии и ги ставаат во неприродна позиција. Токму во тие ситуации од суштинска важност е менаџерите да се потпрат на обучени лица, агенции кои ја познаваат проблематиката и брзо и прецизно може да најдат соодветни решенија за новонастанатите ситуации. 

Заборавете дека Жане од кадрово или Цеце секретарката може да ви ги одржува социјалните профили. Маркетингот на социјалните мрежи бара цел тим на стручни лица (дизајнери, кодери, специјалисти) кои ќе работат фул тајм. Континуитетот дава подобри резултати, а квалитетните содржини го зајакнуваат вашиот бренд.

Доколку сте подготвени да пропаднете откажете се од социјалните мрежи. Немојте да правите веб сајт. Принтајте ливчиња со ПОПУСТ и лепете ги на вашите излози. Ако ви се фрлаат пари принтајте флаери и брошури. Чекајте во вашите канцеларии и фокусирајте се на пасивна продажба. Голема е веројатноста дека на клиентите туку така ќе им "текне" и ќе ве посетат.

Доколку не сакате да пропаднете туку напротив, сакате да "згазите" на пазарот, да направите бренд со кој ќе се гордеете и најважно, доколку сте подготвени да направите ПРОФИТ, станете најрано што можете. Направете квалитетни производи или услуги. Направете добра стратегија и започнете со промоција. Максимално исцедете ги придобивките од социјалните мрежи. Креирајте софистициран веб сајт и започнете на сите да им покажувате колку вашиот бизнис може да им помогне и да им го олесни функционирањето. Превртете ја масата и почнете да ја барате вашата таргет публика. Кратенка до успехот не постои. Можеби и моите насоки не се доволно добри и нема да ви го дадат ефектот кој го посакувате. Никогаш нема да дознаете додека не се обидете.

Денес ако се одлучите да ги направите овие промени, направете фотографија од вашата компанија. Утре, кога ќе ги пречекате новите времиња инспирирани и подготвени, погледнете ја. Ќе ве потсети на денот кога сте започнале да успевате. 

Бобан Милосавлески

Сподели ја веста

Последни содржини