Колку добивка остваруваат најуспешните градежни компании во Македонија?

Објавено: 10 февруари 2020 - 11:23

Девет градежни компании специјализирани за градба на станови во 2018 година оствариле профити од еден до седум милиони евра, а профитите им се движат од 21 отсто до 45 отсто од приходите.

Изградбата на станови е актуелен бизнис и тоа не само поради големата побарувачка за станови во Скопје, туку и поради фактот што банките кредитираат градба на станови, а од дртуга страна кредитираат граѓани кои сакаат да купат стан.

Во продолжение погледнете кои компании во 2018 година оствариле профит од најмалку 1 милион евра. 

„Жикол“ од Струмица, ЗСФ Ком и „Адора Инженеринг“ од Скопје се најголемите градежни компнии чија дејност е изградба на станбени и нестанбени објекти. Вкупно девет градежни компании од четири градови (по една од Охрид и Кочани, три од Струмица и четири од Скопје) успеале да направат профит што надминува еден милион евра.

Најголем профит во 2018 година има скопската градежна компанија ЗСФ Ком сопственост на поранешниот пратеник Фатмир Етеми. Оваа компанија во 2018 година остварила профит од 7,1 милиони евра, а приходите и изнесувале 21 милиони евра. Профитот на ЗСФ Ком надминува 33 отсто од неговите приходи. Освен по квалитетна градба оваа фирма во таа година беше актуелна во јавноста и за изградбата на станбена зграда во општина Аеродром која предизвика многу негативни реакции на жителите на таа општина.

Втора според успех е „Адора Инженеринг“ фирмата на Ванчо Чифлиганец, исто така поранешен пратеник во македонското Собрание. Неговата компанија оствари профит од 4,7 милиони евра и приходи од 21,2 милиони евра. Профитот е 22 отсто од остварените приходи.

Во големата тројка најпрофитабилни е уште скопската градежна фирма Настел сопственост на скопската компанија „Алпина Инженеринг“ и на „Еуро Свис Кредит АГ“. Таа долгогодишна градежна компанија остварила профит од 3 милиони евра од приходите од 14,2 милиони евра. Добивката е 21 отсто од приходите.

Следна на листата е најголемата кочанска компанија „Техком“. Оваа фирма остварила профит од 1,9 милиони евра што претставува 24 отсто од приходите кои изнесуваат 7,8 милиони евра.

Охридски „Трим“ во 2018 година остварил профит од 1,6 милиони евра и приходи од 6,3 милиони евра. Неговиот профит е една четвртина од приходите на компанијата. Фирмата е во сопственост на Бурбуќе Ќира Хетеми.

Следен на листата е струмички СИМ Инженеринг сопственост на Горан и Симеон Крстеви. Нивната фирма остварила приход од 5,5 милиони евра и профит од 2,5 милиони евра. Градежната фирма на Крстеви со профитна маргина од 45 отсто е најуспешната градежна компанија во конкуренција на другите градежни фирми со поголеми профити.

И најмалата градежна фирма во најголемите девет компании е скопската фирма Тим Инженеринг од Скопје. Нејзиниот приход е 3,1 милиони евра, а профитот изнесува 1,3 милиони евра. Тоа значи дека најмалиот има профитна маргина од 42 отсто.

Сподели ја веста

Последни содржини