Погонот се затвори, но „Тетекс“ ќе продолжи со работа

Објавено: 12 февруари 2020 - 09:02

Вчера силно во јавноста одекна информацијата дека по седум децении производство, „Тетекс“ ќе прекине со производството на тешка конфекција, а 150 вработени, согласно колективните договори, ќе добијат откази.

Според генералниот директор на компанијата, Глигорие Гоговски погонот се затвори поради финансиски проблеми и загуби, под притисок на големата конкуренција и ниските цени од далечниот исток, пред се Кина, Кореја, Тајван, Индија, Виетнам, и други држави, но дека компанијата „Тетекс“ ќе продолжи да работи.

Според него, за целиот изминат период додека работеше фабриката за тешка конфекција, иако со загуби, вработените навреме ги добивале своите плати и во тој дел немало доцнење. Исто така, 150-те вработени, од кои повеќе од половината имаат над 30 до 40 години стаж ќе го остварат правото на пензија исто како да работеле и нивната пензија ќе биде иста како онаа доколку го довршеле работниот стаж

 „Тетекс“ е сопственик на 49,7 отсто во ТТК банка, која е исклучително успешна банка. Таа работи профитабилно, а очекувањата се дека за минатата година ќе прикаже околу два милиони евра профит, од кои, согласно сопственоста, околу еден милион евра ќе отидат кај „Тетекс“.

Исто така, „Тетекс“ има големи количини на готови текстилни производи, кои ќе се продаваат преку дуќаните кои се во сопственост на компанијата. Тие ќе продолжат да работат. Такви дуќани се три во Скопје, два во Тетово и еден во Охрид, а има и други низ државава. 

Компанијата поседува и друг имот, односно погони, кои се издаваат под наем и од нив се наплатуваат кирии. Гоговски потврди дека се работи на неколку идеи кои се однесуваат на фабриката, за нејзино реобновување, но дека за сега нема да открива ништо.

Во секој случај,  првиот човек накомпанијата тврди дека и натаму ќе продолжи да работи позитивно и да исплатува дивиденди за своите акционери.

Сподели ја веста

Последни содржини