(Видео) Ресторан на Македонци меѓу најдобрите во САД

Објавено: 18 февруари 2020 - 08:48

Опен Тејбл во 2017 година го прогласи „Краст“ за прв меѓу 100-те најдобри ресторани во САД. Местото меѓу најдобрите го задржа и во 2019. Ресторанот „Краст“ во Мајами неколкукратно е наградуван како еден од најдобрите ресторани во САД.

За „Краст“ пишуваа и најпознатите американски весници, Форбс и Вол Стрит Журнал. Сакаа да ја откријат тајната на стратегијата на Анита и Климе Ковачески, во време кога инвестирањето во ресторан се смета за ризик. Потврда за ова е статистиката дека 60% од рестораните во САД се затвораат во првите три години.

Климе и неговата сопруга Анита, Австралијанка со македонско потекло, се и бизнис партнери. Кулинарските вештини на Климе никого не го оставаат рамнодушен. Анита студирала комуникации во Австралија каде 15 години работела во индустријата за маркетинг. Но, вели, љубовта пред седум години ја довела на Флорида.

Во 2015 го отвориле ресторанот „Краст“. Нејзината умешност да направи секој да се чувствува добредојден, им донела редовна клиентела, а добриот глас брзо се проширил.

„Тоа ми доаѓа природно, така што за мене тоа е многу лесно. Секој ден заради акцентот луѓето ме прашуваат од каде сум. Тогаш им кажувам дека сум родена и израстена во Австралија, но дека по потекло сум Македонка“, вели Анита.

Разните видови пица, тестенини, пилешки специјалитети… не само што имаат одличен вкус, туку и се служат во големи порции. Ковачески настојуваат да донесат и македонско вино на менито.

Како еден од најуспешните угостители во САД, повеќе од 30 години Ковачески работи и како консултант за други ресторани.

 

 

Сподели ја веста

Последни содржини