Volvo официјално става крај на дизелите

Објавено: 17 мај 2018 - 14:11

Неодамна, „Volvo“ објави дека нема да развие нови дизел мотори. Последните модели на Швеѓаните сепак добија модификации со таков мотор, но и тоа веќе се промени. Од компанијата најавија дека новата „S60“, чија премиера ќе се одржи подоцна оваа година, ќе биде првиот модел во историјата на брендот, кој нема да добие дизел.

„Нашата иднина е електрична и нема да развиваме нови дизел мотори. Постепено ќе го прекинеме производството на мотори со внатрешно согорување, а од 2019-та година сите нови модели на „Volvo“ ќе бидат достапни само со хибридна технологија – „Mild“ или „Plug-in Hybrid“, или со целосно електрични мотори“, изјави претседателот на „Volvo Cars“, Хакан Самуелсон.

Според шефот на шведскиот производител, новиот „Volvo S60“ е првиот чекор кон големата електрификација на автомобили, која компанијата ја започна. Целта на производителот е половина од продажбата во 2025-та година да е за електричните автомобили.

Новиот „Volvo S60“ е базиран на платформата „Scalable Product Architecture“ (SPA), која е сопствена развој на шведската компанија и е во основата и на останатите премиум модели од сериите „90“ и „60“ на производителот. Првично тој ќе се нуди со богата палета на 4-цилиндрични бензински „Drive-E“ мотори, како и со две „Plug-in Hybrid“ верзии. Модификациите со поблагиот хибрид ќе бидат презентирани следната година.

Производството на новиот „Volvo S60“ ќе започне оваа есен во целосно новата фабрика на „Volvo“ крај американскиот град Чарлстон, Јужна Каролина. Фабриката ќе биде единствениот производствен центар за моделот, а таму ќе се составуваат и автомобилите предвидени за останатите пазари.

Сподели ја веста

Последни содржини