Драстично расте бројот на станови под хипотека

Објавено: 13 јануари 2020 - 11:43

Секој осми стан во земјава е под хипотека кај домашните банки.

Скопје е рекордер по заложени станови-дури половината од хипотеките се во главниот град. Податоците на Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат дека на секој петти стан во метрополата „газди“ се банките. Така во катастарот во Скопје во периодот од јули до крај на септември биле запишани вкупно 317.084 станови, од кои дури 20,28 проценти или 64.301 се под хипотека.

Втор на листата градови со процентуално најмногу хипотеки во споредба со бројот на впишани станови во катастарот е Неготино каде на банките се пренесени имотни листови на 19,06 проценти од становите или од вкупно 12.906 станови во општината, дури 2.460 се под хипотека.

Гевгелија е на третото место според процентот на заложени станови и тоа од вкупно 23.690, хипотека има на 3.893 или на 16,43 проценти.

Со станови под хипотека над државниот просек се уште Кавадарци со 14,13 проценти заложени станови, Битола со 12,74 проценти, Штип со 12,47 проценти од вкупниот број станови во општината.

Најдолу на листата, или со најмалку станови под хипотека се Кратово, со само 1,33 проценти и Македонски Брод, каде што во банка се заложени 1,69 проценти од станбениот фонд.

Податоците покажуваат дека драстично расте бројот на станови под хипотека во земјава. Споредено со истиот период, трет квартал од 2016 година, или замо за три години бројот на станови под хипотека пораснал за 32.600 станови или тогаш под хипотека биле 9,28 проценти од становите во земјава или за 3 проценти помалку од лани.

Сподели ја веста

Последни содржини