На што најмногу трошат пари Македонците?

Објавено: 28 февруари 2020 - 09:38

Македонците најголем дел од парите кои ги заработуваат, ги трошат за храна и пијалоци.

Ова може да се види од синдикалната минимална кошничка. Таа за јануари 2020 година изнесувала 32.791 денар.

Од оваа сума 41 отсто се трошат за храна и пијалоци или 13.669 денари. За домување се даваат по 10.431 денар. За хигиена се трошат 2.336 денари, а за превоз 2.425 денари. 2.155 денари се одвојуваат за облека и обувки, додека за култура 1.066 денари, а за здравјето само 706,28 денари.

За споредба, 32.732 денари изнесувала минималата кошничка за декември 2019 година.

„Кошничката се креира врз основа на податоци за животниот стандард од Државниот завод за статистика. За некои производи има поскапување, за други поевтинување, но кошничката за едно четиричлено семејство варира од 32.500 до 33.000 денари. Најголем дел се троши за храна и пијалоци, додека во просек најмалку пари граѓаните одвојуваат за здравјето“, вели Светлана Димовски, советник за економски прашања во ССМ.

Таа додека дека ССМ се бори за повисоки плати, со цел платата да покрива барем 60 отсто од кошничката.

Но, во Европа сликата е сосема поинаква. Таму  работниците за храна и пијалоци трошат многу помал процент од приходите. Во 2018 година е објавено дека во ЕУ за храна и пијалоци се трошат 12.2 отсто, а Романците трошеле двојно повеќе пари за истата намена. Жителите на сиромашните земји издвојуваат повеќе пари од домашниот буџет за храна, за разлика од оние во богатите земји. Во Србија за храна се одвојува една третина од семејниот буџет, а слично ги распоредуваат парите и жителите на Бугарија и Турција. Што се однесува за слободното време, граѓаните на ЕУ трошат три пати повеќе за култура и рекреација. Во Британија според податоци на Евростат објавени во 2018 година, само 8.2 отсто од приходите се трошеле за храна.

Но, не сите европјани се задоволни со примањата.

„Семејствата со деца 50 отсто од парите ги трошат за храна, а остатокот, она што ќе остане оди за сметки, даноци, за здравствени услуги“, вели Вилма Коеро Борга, која живее во Италија.

Во Македонија со години најголем одлив на пари од домашниот буџет имаме за  храна.

Сподели ја веста

Последни содржини