Новата година донесе неколку нови економски закони

Објавено: 02 јануари 2020 - 08:47

Од први јануари 2020-та година во делот на економијата стартуваа неколку нови закони и мерки, како што е зголемувањето на прагот за ДДВ обврзник, односно наместо досегашниот праг од еден милион денари, границата е качена на два милиони денари. Измени има и во делот на обврската за останување во системот на ДДВ, односно рокот од пет се скратува на три години.

За возила до 10 илјади евра износот на данок ќе се пресметува според издувните гасови, односно според емисијата на ЦО2. Данокот за увоз на дизел возилата веќе е двојно повисок од оној за бензинските мотори. Оваа одлука дојде  во последен миг откако владата се откажа од мерката за субвенционирање при купување на ново или половно возило со еуро пет стандардот  со образложение дека нема да даде резултати.

Измени на правилата има и во Законот за акцизи. Освен што делот на автомобилите е комплетно тргнат од овој закон, со новото решение се предвидува и озаконување на домашното производство на ракија. Граѓаните кои произведуваат над 200 литри, но не повеќе од 2.000 литри, ќе треба да се регистрираат, а Агенцијата за храна и ветеринарство ќе треба да ја провери. Годинава на граѓаните кои дома произведуваат ракија  нема да им се наплаќа за акциза, но од 2021 земјоделците тоа ќе ги чини 10 денари по произведен литар ракија, 20 денари во 2022 и 30 денари годината потоа. Од акциза ослободени се единствено граѓаните кои произведуваат до 200 литри ракија годишно за дома потреба.

Со стартот на новата година предвидено е и да се зголеми стапката на придонеси која ќе треба да ја плаќаат работодавачите за своите работници. 18,8 отсто имаа обврска газдите да уплаќаат од бруто платата за пензиско а за здравствено осигурување 7,5 отсто што претставува раст за еден процентен поен повеќе од претходно.

И оваа 2020-та година Народната банка, односно гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска ја гарантира стабилноста на домашната валута, денарот. А со тоа и одржливоста на ценовната стабилност. Што се однесува до макроекономските проекции Бежоска очекува  економски раст на македонската економија кој би се движел околу 3,8 отсто.

А, од 2020та па во следните две години на сила ќе биде и Законот со кој власта го „замрзна“  прогресивниот данок. И оваа одлука  на „Илинденска“ се донесе со објаснување дека не ги исполнила првичните очекувања и потребно било време за промена на даночната политика, а тоа на сила го врати  рамниот данок.

Сподели ја веста

Последни содржини