Umbrella- Lounge bar што ги руши бариерите

Објавено: 21 февруари 2019 - 13:24

“Дојдете на место кое гарантираме дека ќе придонесе за вашата среќа, љубов и радост.
Ве чекаме на кафе послужено со насмевка, љубезност и убав збор.... многу радост и среќа за убаво завршениот прв работен ден... восхит од вашето внимание и поддршката што ни ја давате.”- стои на нивниот фејсбук фан пејџ.

Лоциран во ГТЦ на местото на поранешно “Чао”, Амбрела е првиот локал во Скопје кој докажува дека разликите помеѓу луѓето постојат само во нашите  умови. 
Отворен на 7ми ноември во Амбрела веќе неколку месеци успешно работат 11 љубезни луѓе, чија попреченост не претставува пречка туку можност да ги поместат сопствените  граници со вложениот труд и пасија кон работата.

Гостите секогаш се услужени на време а учтивоста е неизбежна. Во разговор со Гоце,кој е дел од менаџментот, ни беше укажано дека не се стремат кон перфектна услуга туку главна цел на Амбрела е менување на гледиштата кон луѓето со попреченост и секако, да докажат дека се еднакви и доволно способни за да работат, а потребно е само да им се даде шанса. Амбрела соработува и со Филозофскиот факултет во Скопје. 

Вработените се распределени на повеќе позиции како келнери, шанкери а дел од нив работат и во кујна. Пред да почнат со работа, вработените посетувале обука. Првиот дел од обуката била на Филозофскиот факултет, а вториот дел во самиот локал. Работното време им трае по 6 часа а секој од нив има свои обврски кои се разликуваат во однос на нивните можности. 
Според законот, на лицата со попреченост не им е дозволено да наплаќаат па затоа во локалот има вработено и луѓе без попреченост кои ги примаат нарачките и им наплаќаат на гостите. 

Еден од најголемите благодети од постоењето на Амбрела е поттикнувањето на други компании да бидат општествено одговорни и да го преземат истиот чекор - да им дадат шанса на луѓето со попреченост да бидат што повеќе вклучени. Со насмевка и гордост на лицето Гоце ни кажа дека веќе се отворил уште еден локал во Лептокарија кој го следел нивниот пример, а на повидок е и отварање на теретана на негов пријател кој сака да се приклучи кон отстранување на бариерите за луѓето со попреченост.  

Изградба на инклузивно општество, обезбедување на право на образование, работа и пристапност до институциите, вклучување на лицата со попреченост во сите сфери на општествениот живот, треба да бидат преоритети на сите општествени чинители- е порака испратена од Филозофскиот факултет на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, па затоа Филозофскиот факултет неспорно се јавува како партнер на Амбрела од аспект на кадар и поддршка. 
Амбрела е поддржана и од Министерството за труд и социјална политика, Општина Карпош и Агенцијата за вработување, а најголемата поддршка ја добиваат од своите гости како и невладиниот сектор со организирање на настани од хуманитарен аспект. 

Сподели ја веста

Последни содржини