Денеска на програмата на „Охридско лето“ концерт и две изложби

Објавено: 19 јули 2019 - 08:48

Програмата на „Охридско лето" за денеска предвидува три уметнички содржини. Музичката програма продолжува со концерт на квартетот „Асасело", со уметниците Ростислав Кожевников на виолина, Барбара Штрајл – виолина, Јустина Шлива – виола и Тееми Мјоханен на чело.

„Асасело“ е формиран во Базел во 2000 година, уште додека неговите членови биле студенти на отсекот за камерна музика на тамошниот факултет. По дипломирањето квартетот се сели во Келн, каде продолжуваат да работат и да студираат под менторство на познатиот квартет „Албан Берг“. Членовите на „Асасело“ кариерата ја започнуваат со победата на натпреварот „Мигрос Културпроцент“ во Цирих по што следат турнеи и интернационални концерти во Унгарија, Русија, Холандија и Велика Британија.  Ансамблот добива значајно уметничко водство работејќи заедно со некои од најзначајните композитори на нашето време како Томас Адес, Александра Грука, Михаел Џарел, и др. Во 2016 година квартетот ги сними сите квартети на Арнолд Шенберг со сопранот Ева Реш за издавачката куќа Џенуин (Genuin).

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток од 21 часот.

На програмата на фестивалот денеска е и изложбата на уметникот Стефан Хаџи-Николов, зад кој стојат 75 самостојни изложби во Скопје, Охрид, Солун, Истанбул, Анкара, Софија, Пловдив, Варна, Белград, Ниш, Приштина, Лондон, Париз…

Оваа изложба ќе биде негово осмо самостојно претставување во Охрид одбележувајќи 30-годишен јубилеј од првата самостојна постановка во  грдот. Изложувајки осум пати во Охрид, сликарот успеал да се претстави со повеќето свои творечки периоди. На изложбата се претставува со фигуративни и не фигуративни слики и за прв пат го слика градот Охрид, неговата околина со еден специфичен ликовен израз.

По повод 70-годишнината од формирањето на Народна Република Кина, во организација на Кинеската амбасада вечер  во Изложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ од 19 часот ќе биде презентирана изложба на фотографии на Македонци кои ја посетиле Кина. Изложбата на фотографии има за цел да ја претстави природата, историјата, развојот и промените во Кина, како и пријателството меѓу Кина и Македонија, преку ретроспективата на македонските граѓани.

Фотографиите ќе бидат тематски распределени во четири категории: „Природата и природните богатства на Кина“, „Историски и културни знаменитости во Н. Р. Кина“, „Кинеските градови и нивните значајни обележја“, „Животот на луѓето во Кина“.

Сподели ја веста

Последни содржини