Opel Corsa по вторпат ја доби наградата „Автомобил на годината во Македонија“

Објавено: 27 февруари 2020 - 10:03

Според Националното Жири за избор на автомобил на годината, новата генерација на моделот Opel Corsa ја доби наградата „Автомобил на годината во Македонија за 2020 година. Ова е втор пат Corsa да ја добие оваа награда, откако првата ја доби во 2017 година. 

Ова е јубилеен 25-ти избор на „Автомобил на годината“ во Македонија, а победникот како награда добива во трајна сопственост позлатена скулптура на стилизирана маска на ладилник, која е авторско дело на Валентин Ширилов, направена специјално за Изборот на автомобил на годината во Македонија и се доделува од 1996 година.

„Corsa како прв сосема нов модел, откако Opel стана дел од семејството на PSA во целост ги оправда очекувањата. Современиот изглед и модерните технологии меѓу кои и електричната погонска група ѝ даваат предност во настапот на пазарот, посебно во земји како Македонија каде купувачите ќе ги освојува и со атрактивната цена“, се вели во образложението од Жирито во врска со одлуката за победникот. 

Моделот Toyota RAV 4 го доби признанието СУВ на годината.

„Со петтата генерација, Toyota како наново да го лансираше RAV4. Тој сега е попростран и поудобен, со помоќен изглед и нови технологии спакувани во една урамнотежена целина со избалансирана цена. Вниманието на купувачите го привлекува и со хибридниот мотор кој ги замени дизелите. Целокупно гледано, RAV4 со многу свои особини се издвојува од бројната конкуренција во класата која своевремено токму тој ја популаризираше“, смета националното жири за избор на автомобил на годината во Македонија, кое годинава по третпат го доделува и признанието „Томислав Биљарац“, во чест на доајенот на македонското автомобилско новинарство, основач и прв претседател на Националното жири за Избор за автомобил на годината во Македонија.

Наградата се доделува за посебни придонеси и резултати во автомобилската индустрија.
Одлуката на Националното Жири за избор на автомобил на годината во Македонија е признанието „Томислав Биљарац“ за 2020 година да биде доделена на Славка Каленикова.

Свеченото доделување на наградата ќе биде на посебна манифестација што треба да се одржи до крајот на следниот месец.

Сподели ја веста

Последни содржини