Општа паника: Маските поскапени, средства за дезинфекција нема, а во маркетите се празнат рафтови

Објавено: 27 февруари 2020 - 09:17

Во аптеките нема маски со денови, а граѓаните кои вчера успеале да најдат ги купиле за 25 денари иако редовната цена пред појавата на грипот и стравот од корона-вирус беше десет денари за парче.

Во аптеките нема ниту средства за дезинфекција, а паниката кај граѓаните почна да се зголемува вчера попладнето кога беше потврдено дека во Македонија е регистриран првиот случај на лице заболено од корона-вирус. 

Дел од граѓаните објавија подоцна слики на социјалните мрежи од празни рафтови, иако претходно во текот на денот немаше навала за купување производи во поголема количина. Сето ова предизвика реакции. Дел од луѓето се прашуваат зошто сега некој сака да профитира па ги зголемува цените на маските или средствата за дезинфекција, но имаше и такви кои негодуваат што граѓаните купуваат храна за „недај боже“.

 

И здравствените власти повикуваат на смиреност. Нема потреба од паника ниту вонредни мерки освен препораките да се внимава на хигиена и да не се патува доколку нема потреба за тоа. 

Инаку заболената е жена од Скопје на возраст од 50 години, која престојувала во Италија, а во државата влегла преку граничниот премин Табановце.  Патувала со комбе во кое имало и други патници, кои сега се во своевиден карантин. 

Извор; Фактор.мк

Сподели ја веста

Последни содржини