Ордановски: Обвинителството не извади директен доказ, Боки 13 така се облекува 20 години

Објавено: 19 февруари 2020 - 08:17

Сашо Орданоски, новинар кој порано работеше во некогашната телевизија 1ТВ на Бојан Јовановски кој е обвинет во аферата „Рекет“, вели дека досега Јавното обвинителство не изадило ниту еден директен доказ за овој случај.

Тој вчера на емисијата „Отворено“ на Телевизија 24 рече дека сега ќе биде интересно да се види какви докази ќе изведе одбраната на обвинетите. 

„Во суд се суди со докази, не со каква чипка ти е маицата, дали кога зборуваш употребуваш пцовки и дали носиш чевли од 100 или од 1.000 евра. Ако се докаже дека гардеробата е купена во тие месеци кога се земени парите и за неа се платени 500 илјади евра, има доказ дека на неа се потрошени парите. Ако му ја покажувате гардеробата за потоа целата јавност да коментира Видете го овој Боки 13 какви пантолони носи, елечиња, а притоа ништо да не видиме од тоа кога е купено, во кој период, каде е купено, не е во ред. Па Боки 13 дури 20 години така се облекува. Таму имаше парчиња што јас сум ги гледал пред да почне целата афера. Не може да се суди преку тоа какви полемики се водат на Фејсбук. Обвинителството досега не извади ни еден директен доказ. Таму има спротивставени сведочења. Јас чекам да дојдат пресудите и да се осврнам на сето тоа. Сега одбраната ќе почне да изведува докази. Можеби тие ќе изведат поинтересни докази, можеби тие ќе кажат каде се парите, кога веќе ги обвинуваат дека зеле пари, можеби ќе дознаеме. Настрана целата хистерија, во самата судска материја ние не видовме објективни докази. Јас мислам дека во нормална демократска земја со вистинско правосудство, ова би паднало со просечна екипа адвокати“, рече Орданоски.

Се почна со Кики и Фрики, нагласи новинарот, и праша - каде се сега Кики и Фрики во „Рекет“, ги нема никаде, а луѓето веќе не можат по улица да одат, ги растргнаа буквално.

Од друга страна, вчера на рочиштето повторно беше исклучена јавноста, а како причина наведе дека во снимките се споменувале имиња чиј углед може да биде нарушен.

Сомнежите за вакво нешто станаа големи откако на едно од видеата презентирани во судот, се гледа Зоран Милески седнат во скопско кафуле заедно со Вице Заев, братот на екс премиерот. На друго пак се гледа како Катица Јанева оди во вилата на Водно кај Зоран Заев.

Инаку, Обвинителството заврши со презентирањето на доказите, сега на ред е одбраната на Бојан Јовановски и Катица Јанева, да предложи листа на сведоци.

Сподели ја веста

Последни содржини