Перо Антиќ избран за нов претседател на Македонската кошаркарска федерација

Објавено: 15 мај 2019 - 14:00

Македонската кошарка доби нов предводник и тоа најтрофејниот играч во историјата и носител на три европски круни, Перо Антиќ, кој доби поддршка на денешното Изборно Собрание на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) на кое беше единствен кандидат.

Македонската кошаркарска легенда, Перо Антиќ денеска беше избран за нов претседател на Македонската Кошаркарска Федерација. Досегашниот прв човек, Петар Наумоски, воопшто не влезе во трка по нов мандат, додека доцна синоќа од изборната трка се повлече спортскиот директор Владимир Темелковски. 

Антиќ кој беше предложен од 15 членки, а поддржан речиси од сите ќе биде деветиот претседател на МКФ.

Новиот претседател побара дополнителни 15 дена за формирање на Управниот одбор и Надзорниот одбор.

„Сите заедно да ја вратиме кошарката онаму каде што заслужува. Верувам дека има одлучни луѓе, професионални во спортскиот дел, сите заедно ќе направиме една група на луѓе кои ќе помогнат за развој на кошарката. Приоритет ќе биде враќање на навивачите на трибините и враќање на оптимизмот кај младите“, изјави Антиќ по промоцијата.

Во комбинација за негови соработници се споменуваат Тодор Гечевски, Владимир Георгиевски, Ѓорѓи Чековски, Димитар Мираковски, Марин Докузовски…

Перо Антиќ е деветтиот претседател на МКФ. Пред него по осамостојувањето на нашата држава први луѓе на кошарката беа: Благоја Самаковски (1992-93), Зоре Темелковски (1993-97), Јордан Камчев (1997-1999), Горан Рафајловски (1999-2001), Леонид Гајдаџиев (2001-04), Драгољуб Арсовски (2004-05), Даниел Димевски (2005-15), Петар Наумоски (2015-19).

Сподели ја веста

Последни содржини