Се враќа хартиениот билет во ЈСП: Предлог цена за едно возење - 50 денари

Објавено: 26 септември 2019 - 13:57

Паралелно со пластифицираните неперсонализирани картички, на билетарниците на ЈСП ќе се продава и хартиен билет што ќе важи за едно возење. Малопродажната цена е предложена да биде 50 денари и треба да биде одобрена на седницата на Советот на Град Скопје што е закажана за денеска.  

Враќањето на хартиениот билет е иницирано од Јавното сообраќајно претпријатие и се имплементира согласно одлуката за измени и дополнувања на одлуката за интегриран тарифен систем во линискиот превоз на партници на Град Скопје. Картичките „Скопска“ може да се надополнуваат во билетарниците на ЈСП , во трафики и продавници ширум главниот град со минимум три возења, но нема опција за надополнување или купување на билет за едно возење. 

„Хартиениот билет е наменет за лица кои ретко ги користат услугите на јавниот превоз во главниот град или, пак, за граѓани од внатрешноста кои мораа да набават неперсонализирана картичка за 10 возења или да платат преку мобилен телефон. Исто важи и за туристистите чиј број во Скопје постојано расте, а притоа не се во можност да користат ниту една од опциите што ги има на располагање“, стои во соопштението. 

Билетот за едно возење ќе биде изработен од потврда хартија и ќе може да се набави кај возачот на автобусот, пракса што беше присутна и пред воведување на неперсонализираните и персонализирани пластични картиички. 

Сподели ја веста

Последни содржини