Сите услуги на ЈП ПОЦ од денес на нова интернет платформа

Објавено: 10 јули 2019 - 15:38

Се модернизираат во ЈП „Паркинзи на Општина Центар“. Имено денеска во ова претпријатие се пушта во употреба новата веб платформа со која сите услуги на претпријатието стануваат достапни и по електронски пат. Во насока на подобрување на достапноста и олеснување на користењето на паркиралиштата целосно се дигитализира процесот, овозможувајќи им на корисниците брзо, лесно и едноставно користење на нивните услуги.

-Од сега граѓаните нема повеќе да мораат да доаѓаат во просториите на претпријатието бидејќи сите услуги ќе им бидат достапни со само еден клик, од кој било уред, на кое било место и во секое време. Дополнително, на новата веб платформа преку чат, граѓаните ќе можат да бидат во постојана, 24-часовна, комуникација со наш вработен и во секое време да ги адресираат своите прашања, жалби, барања и слично, велат од јавното претпријатие.

Сите корисници по креирање на личен профил на веб страницата на ЈП ПОЦ ќе можат по електронски пат да склучуваaт и продолжуваат договор за резиденти и нерезиденти, да извршат електронска наплата за истите и да изберат како опција договорот и/или картичката, во промотивниот период, бесплатно да им бидат испорачани на домашна адреса. Регистрираните корисници ќе добиваат смс и е-маил нотификации како потсетник за истекување на корисничкиот договор, 30, 15 и 1 ден пред истекот на договорот. Во низата е-услуги преку новата веб платформа, корисниците ќе можат да плаќаат дневна паркинг карта (ДПК), месечен билет и други типови на билети, да вршат проверка на состојба на М-карта со целосен увид на билансот на картата, како и пријавување на гостинска регистарска табличка, проверка на состојбата на гостинските часови и надополнување и наплата на истите преку кредитна картичка, трансфер на пари и/или e-вирман.

Сподели ја веста

Последни содржини