Бизнис Каталог Ексклузив: Славче Таневски- Генијалниот дизајнер на Mercedes Benz

Објавено: 26 Октомври 2017 - 13:46

  Ексклузивно интервју со генијалниот дизајнер Славче Таневски, "мозокот" кој стои позади новиот Mercedes GLC Coupe. Бизнис Каталог преку интервјуто имаше особена чест одблиску да се запознае со работата на овој успешен Македонец, чии достигнувања се меѓу најголемите во својата категорија на светскиот пазар. 

Бизнис Каталог: Да почнеме од самиот почеток, кога прв пат се вљуби во автомобилите и од каде желбата да се дизајнира автомобил на денешнината?

Славче Танески: Откако памтам за себе сум ентузијаст за автомобили. Тука татко ми има голема улога. Посетата на авто салоните, саемите за автомобили, авто магазините и секојдневниот контакт со автомобилите на паркинг си го прават своето. Мое беше само тоа да го поврзам со мојата дарба за цртање, која ја имам од мајка ми, и тоа да прерасне прво во хоби а подоцна и во професија. Всушност да заработувам уживајќи во моето хоби.
Уште како дете сум го имал тој порив да се изразувам себеси во таа форма, правејќи го тоа прво наивно, а подоцна и свесно знаејќи ја тежината на креирањето на нешто ново, нешто што светот го нема видено досега. Парче од себе, од мојата имагинација и фантазија, достапно за цел свет.

Инаку не дизајнирам возила за сегашноста, туку за иднината. Секогаш ние дизајнерите сме најмалку 5 години во иднината. Толку трае процесот на реализација на креацијата.

Бизнис Каталог: Чувствуваше ли лична потреба за промена на веќе постоечките трендови во автомобилската индустрија?

Славче Танески: Имам среќа и чест ми е што работам за Мерцедес-Бенз. Бренд кој не следи трендови, туку прави безвременски, (стилски и механички) трајни возила. Со оглед на тоа, фокусот е ставен на убавина, функционалност, квалитет и препознатливост. Секогаш во потрага по некој нов досега невиден детаљ или форма, што изненадува, но припаѓа на марката. Сето тоа спакувано во спектакуларни пропорции и моќна појава на патот.

Бизнис Каталог: Дизајнираш за Мерцедес. Факт кој сам по себе кажува доволно. Како се случи сето тоа?

Славче Танески: Дел сум од елитно друштво, но со тоа доаѓа и голема одговорност. Автентичноста ја имаме од пребогатата историја, која некогаш ни е товар, но секогаш сме насочени кон нови иновативни решенија и за тоа сме охрабрени и ни се одврзани рацете.
„Влезната карта“ за студиото за дизајн на Мерцедес ја добив во 4-тиот семестар од моите студии кога победив на конкурс за дизајн. Наградата беше 6 месечна пракса во главниот дизајн центар во Синделфинген. Од тогаш сум веќе 7 години таму. На два наврати како студент и веднаш по дипломирањето, од 2011, како професионален дизајнер.

Бизнис Каталог: Како ја доживеа целата таа приказна, која претпоставувам е сон на секој дизајнер на автомобили во светот? Претпоставуваше ли дека некогаш ќе добиеш ваква шанса?

Славче Танески: Буквално целосно се вложив во намерата да станам тоа што сум сега. Не кријам дека ми беше цел, но не очекував тоа толку брзо да се случи. Зад тоа стоеја многу труд, упорност и заложба. Самото тоа да влезете во таа професија е голем предизвик. Во светот има повеќе активни НБА играчи од дизајнери на автомобили, како илустрација.

Бизнис Каталог: Кои светски дизајнери ти се идоли и од кого примаш најголемо влијание?

Славче Танески: Немам конкретни дизајнери кои имаат влијание на мене. Се гледам како отворена личност кон светот. Работам со чувства, позитивна енергија и сум во интеракција со секаква естетика. Сето тоа ме инспирира, обично несвесно. Не се ограничувам на еден стил или моментален тренд, гледам подалеку.

Бизнис Каталог: Форма или функционалност? Што е првото што го земаш предвид кога дизајнираш?

Славче Танески: Зависно од проектот. Во принцип сум уметник и создавам убавина, скулптура што возбудува, предизвикува чувства, влегува под кожа. Секако за да биде дизајн а не слободна уметност, треба делото да има функционалност, која како додадена вредност доаѓа во вториот стадиум од креирањето. Балансирањето на овие два аспекти зависи од проектот. Доколку имаме високо функционално возило како Б-класа на пример, битен е лесен пристап во кабината, добрата прегледност итн., а доколку се работи за АМГ ГТ, каде емоциите преовладуваат при одлуката на клиентот, секако убавината и уметничкиот дизајн преовладуваат.

Бизнис Каталог: Лист и молив, или некоја од современите компјутерски алатки?

Славче Танески: Тоа е индивидуално. Кај мене се уште се започнува со лист и пенкало, потоа се преоѓа на Фотошоп, но се повеќе се користат комјутерските алатки поради пребрзото темпо на работа уште од самиот почеток.

Бизнис Каталог: Кој е твојот автомобил од соништата? Без разлика на цената или годината на производство.

Славче Танески: Има многу. Би ги издвоил од класичните Mercedes 300SL Gullwing, а од актуелните Ferrari F12.

Бизнис Каталог: Што возиш во моментов?

Славче Танески: Возам Mercedes GLC Coupe AMG. Првото возило за кое го имам дизајнирано надворешниот изглед.

Бизнис Каталог: На кои проекти работиш во моментов?

Славче Танески: Тоа не смеам да го споделам, но ќе има многу изненадувања во иднина.

Бизнис Каталог: Какви ти се плановите за во иднина?

Славче Танески: Многу сум задоволен со тоа како сум прифатен како професионалец. Мојата цел е што е можно повеќе проекти да ги оживеам. Самото темпо на работа не ми дозволува многу да размислувам за некои планови. Живеам за денес и го давам максимумот.

Бизнис Каталог: Што е твојот внатрешен порив? Кое е твоето гориво кое те движи?

Славче Танески: Ме движи реакцијата на луѓето за моите креации, споделувањето позитивна енергија со нив. Кога ќе видам дека моите родители и луѓето кои ги сакам се среќни. Кога го имам луксузот да си дојдам во Македонија или да посетам некоја светска дестинација.

 

 

 

 

Му посакуваме долга и успешна кариера и многу среќа во неговите идни подвизи.

Сподели ја веста

Последни содржини