Дејан Милосавлески: Што е добар веб-сајт?

Објавено: 11 мај 2020 - 17:05

Денеска добив прашање: „Добар веб-сајт - што е тоа?“

За сите оние кои навлегуваат во веб индустријата, оние кои веќе имаат веб-сајт, оние кои сакаат да имаат, а особено компаниите кои веќе продаваат Ви препорачувам да одвоите 5-10 минути да го прочитате мојот став за тоа што значи да имаш добар веб-сајт и зошто нашето време како дизајнери, веб дизајнери, веб девелопери, маректинг стратези треба навистина да се цени.

Кратка поента од текстот подолу: Ако немаш веб-сајт што ги задоволува сите овие потреби, немаш веб-сајт што ќе му носи пари на твојот бизнис, односно немаш веб-сајт воопшто.

Проблемите на моменталното општество:
- Луѓето не сакаат да го губат своето време
- Купувачите се премногу пребирливи бидејќи пазарот е заситен
- Нивните барања се премногу специфични и знаат што сакаат

Решение: за да ги задоволиме нивните барања треба да бидеме максимално посветени на работата во сите под-области на сферата во која што оперираме.
Нативен пример би бил: ако изградиме супермаркет, мора да изградиме и паркинг за купувачите да доаѓаат кај нас а не во Веро , притоа доколку паркингот е бесплатен дополнително ги стимулираме купувачите да дојдат кај нас.
Кога би направиле паралела со нашиот вебсајт или нешто што продава ( нашата е-продавница), постојат неколку подточки кои мора да ги имаме земено предвид, да обрнеме посебно внимание на истите, но и да вложиме труд во реализација.

Тоа би биле:
1. Аксесибилити - или на македонски достапност
2. Брзина
3. Корисничко искуство
4. Визуелен дизајн
5. Квалитет и релевантност на содржина
6. SEO и интеркација на корисниците

Секоја точка одделно:

1. ДОСТАПНОСТ
Денес технологијата е на толку високо ниво што овозможува дури и на слепите и глувите, и оние со специјални потреби да го искусат она што останатите го искусуваат.
Од тука следи дека структурирачкиот јазик ( HTML ) мора да биде напишан по сите стандарди со цел најразличните скрин ридери (уреди кои што интерпретираат веб-сајти) да ја разбираат неговата содржина. Исто така тука се земаат предвид и далтонистите, така што при секоја боја, особено кога станува збор за е-продавница и се купува нешто каде бојата игра голема улога, ние мора да имаме опис или име што нема во ниту еден случај да го збуни корисникот или пак да го наведе да донесе погрешна одлука. Сепак, достапноста не е важна само за овој тип на лица.
 Денес, технологијата ни овозможува и нашите смарт уреди со нивната вештачка интелегнција (Siri, Alexa), вештачката интелегнција во автомобилите и др. , да го интерпретира нашиот сајт и во никој случај не смееме да го запоставиме тој момент.

2. БРЗИНА
Денес луѓето се се повеќе и повеќе нетрпеливи бидејќи нивното внимание мора да го посветат на многу повеќе работи отколку порано. Статистиката вели дека 47% од корисниците очекуваат да го вчитаат сајтот за помалу од 2 секунди, додека 40% од нив го напуштаат сајтот ако сеуште не е вчитан после 3 секунди.
Решение за ова е следење на трендовите во технологијата на веб индустријата како и избирање на вистинските технологии за вистинските намени.

3.КОРИСНИЧКО ИСКУСТВО
Ова е широка тема на која експертите многу дебатираат, но гигантите сметаат дека корисничкото искуство кое го нудаат со нивниот производ ( било тоа дали е веб, апликација или слично ) е највлијателното нешто кога се работи за зголемување на профитот.
Во минатото кога го измислиле првиот авион, сеуште не можеле да сфатат зошто по одредено време тој се рушел, па затоа секојдневно работеле на усовршување на внатрешниот систем со кој пилотот оперирал со цел да ја олеснат неговата работа. Но тие се фокусирале на подобрување на нешто што го користел само еден човек и акциите ги повторувал секојдневно. Денеска е сосем спротивно од тоа и компаниите и дизајнерите се фокусираат да изнајдат решение кое ќе овозможи удобно корисничко искуство за луѓе кои првпат се среќаваат со продуктот и притоа лесно да се снајдат и да ја завршат одредената цел.

4.ВИЗУЕЛЕН ДИЗАЈН
Кога технологијата е во подем сите купуваат врз основа на неа - односно доколку постои нова технологија, сите го земаат продуктот поради тенхологијата која ја користи, но кога таа ќе стагнира, ќе се стабилизира тогаш луѓето купуваат врз основа на дизајнот- односно дизајнот ги двои продуктите со иста технологија на различно ниво на квалитет.
Сличен факт ( со ова ќе се сложат колегите од бизнис секторот ) е тоа што купувачот прво го купува продуктот а потоа рационално се правда за неговата потреба... Во најчести случаеви тие одлуката ја носат според првото нешто што е воочливо, па затоа дизајнот треба да биде во главен фокус. Сепак, тој не е само комбинација на бои и форми, туку тоа е чуство кој раѓа емоционална поврзаност помеѓу продуктот и клиенот, или во случајов клиентот и нашиот веб-сајт.

5.КВАЛИТЕТ И РЕЛЕВАНТНОСТ НА СОДРЖИНА
Денеска има преголема заситеност на информации на Интернетот, но исто така има и премногу нерелевантни ( лажни ) информации. Кога нашиот вебсајт содржи јасни и прецизни информации како што се: јасно дефинирани производи и услуги, процес на купување, начин на испорака, политики за приватност, информации за брендот, тогаш тоа ќе донесе ни донесе зголемен кредибилитет и корисникот со сигурност ќе го избере токму нашиот вебсајт напсроти другите за задоволување на неговите потреби.

и за крај :

6. SEO И ИНТЕРАКЦИЈА
SEO (Search Engine Optimization - Оптимизација за пребарувачи ) е премногу важна за нашиот вебсајт лесно да се појави меѓу првите резултати кога корисникот пребарува. Статистиката вели дека првиот домен на Гугл обично го кликаат околу 32%, вториот околу 17%, а седмиот пак само 3%, од тука излегува и фактот дека втората страница на Гугл резултатите е најдоброто место да се скрие мртво тело.

Главната грешка на компаниите и на веб-сајтите што ги имаат е тоа што тие не им даваат ниту една причина на корисниците да се вратат повторно.
Тука е моментот со интеракцијата која е важна за нашиот вебсајт да достигне врвно ниво. Со методи како регистрација, мој профил, поени, костумизација на содржините што ги гледа секој најавен корисник, нјуз летери и гивавеи, нашата публика ќе остане верна долго,долго време, а со времето ќе гледаме само раст на уникатните и повторувачки посетители.

Заклучок:
Многумина имаат веб-сајт, но малку имаат веб-сајт кој ги задоволува сите потреби на различните групи корисници, а тоа низ трендовите на третата деценија од вториот милениум е најважното нешто што компаниите мора да го применуваат со цел да останат компетентни на пазарот.
Сите набројувања погоре во ниту еден случај не се работа на еден човек. Напротив тоа е работа на тим од професионалци во секоја област, со подолго искуство и зад себе реализирани успешни проекти.
Разликата помеѓу лош и добар веб-сајт е огромна и лесно воочлива, додека пак разликата помеѓу добриот и врвниот веб-сајт е премногу мала, и таа се чувствува најчесто само во билансот на успех на нашата компанија.
Па компании, не штедете! Во нашата држава доаѓаат нови промени и е-троговијата е во подем, искористете!
Дејан Милосавлески,
Full Stack Developer
Altius.mk

Сподели ја веста

Последни содржини