Денес се одбележува Меѓународниот ден на космонаутиката

Објавено: 12 април 2019 - 10:12

На 12 април се одбележува меѓународниот Ден на космонаутиката. На овој ден во 1961 година легендарниот советски космонаут Јуриј Гагарин како прв човек полетал во вселената на бродот Восток-1.

Првиот „мал чекор“ за човекот бил направен на 12 април 1961 година, кога во вселенскиот брод Васток-1, Земјата ја обиколил Јуриј Гагарин. Toа e првиот човеков лет во вселената. Овој историски подвиг претставувал триумф за вселенската програма на Советскиот Сојуз и отворил нова ера во историјата на истражување на вселената. На овој лет бил направен еден круг околу Земјата. Гагарин летнал од космодромот Бајконур во 9:07 часот по московско време, достигнал висина од 327 километри и по 108 минути се спуштил назад на Земјата. Полетал со чин мајор, а слетал како полковник. Гагарин станал национален херој и светски позната личност.

До самата одлука на тогашната Советска Државна комисија, Гагарин не знаел дека токму тој ќе биде првиот избран космонаут кој ќе полета во Вселената.

Јуриј Гагарин е роден на 9-ти март 1934 година во близината на Смоленск, Русија.  Во 1955 година во Саратово завршил индустриска техника и пилотски курс во аеро клуб. Школувањето го продолжил во Оренсбург и во 1957 година станал пилот – ловец на Советските воздухопловни сили.

Организаторот на подготовката, Николај Камањин, потсетувајќи се на последните часа пред полетувањето, изјавил дека претстои величествен подвиг – прв лет на човекот во Вселената и дека тој  лет ќе го направи скромен советски човек во униформа на Воено – воздухопловните сили, Гагарин Јуриј Алексеевич.

На 12-ти април 1961 година, во беспрекорна тајност, поранешниот Советски космодром Бајконур влегол во историјата. Големата ракета на чиј врв се наоѓал вселенскиот брод Восток–1 полетала во Вселената, а светот во тие мигови  сѐ уште не знаел дека се пишува новата историја на човечкиот лет во Вселената. Јуриј Гагарин и Герман Титов тоа утро заедно дошле до ракетната рампа.

Во 07:07 часот, Королев, главниот конструктор на проектот со кодираното име ЗОРА–1, со радио врска до ЦЕДАР (кодираното име за Гагарин, кое означува сибирски бор) ја исратил пораката „Палењето започна“. Пред полетувањето, имало доста емоции, како од самите космонаути, така и од сите присутни на самото лансирање.

Полетувањето поминало без никакви проблеми. Но, по полетувањето, командниот пункт во Колпашево доживеал неколку непријатни секунди. Аудио врската одеднаш се изгубила и тие веќе немале никаков контакт со космонаутите. Но, за среќа, врската повторно била воспоставена и веднаш било известено дека бродот успешно излегол од орбитата.

Неколку минути подоцна, од командниот пункт ВВС било соопштено дека Гагарин успешно се спуштил на пресметаната точка. Радоста била огромна.

Оттогаш, Русија го слави 12 април како Ден на космонаутиката, а од 2011 година, 12 април се слави и како Меѓународен ден на човековите летови во вселената.

 

Сподели ја веста

Последни содржини