Што ќе се случи ако од календарот го избришеме 29-ти февруари?

Објавено: 05 февруари 2020 - 08:29

Месецот февруари има дополнителен или таканаречен престапен ден на секои четири години. Ова е практика што постои од 1582 година поради едноставна причина.

На Земјата ѝ се потребни приближно 365,25 дена за да направи круг околу Сонцето. Дополнителниот ден во февруари е додаден бидејќи времето што ѝ е потребно на нашата планета за цел круг околу Сонцето не може да се заокружи на прецизен број денови.

Системот не е совршен со оглед на тоа што со него сепак се губат секунди во текот на годините. Затоа, има луѓе што измислиле други системи, помалку или повеќе комплицирани. Астрофизичарот Ричард Хенри од Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Балтимор во соработка со економистот Стив Хенк создал календар кој совршено одговара на соларната година. Сепак, овој календар не би го решил проблемот со дополнителниот ден во февруари бидејќи тој предвидува дополнителна недела на крајот од секоја петта или шеста година.

Што би се случило ако го избришеме престапниот ден?

Многу други предложени системи вклучуваат промени во календарот, но речиси никој не содржи „бришење“ на престапниот ден. Без тие дополнителни 5 часа, 48 минути и 45 секунди во патот на Земјата околу Сонцето, кои ги нема во календарот на една обична година, би се смениле годишните времиња. Календарот би се оддалечувал од соодветните годишни времиња и по одреден период би имале зима во мај, па дури и во јуни. Сезоните за одмори и училишната година би требало да се менуваат соодветно.

Токму затоа, речиси секоја земја во светот го користи грегоријанскиот календар, кој во себе има престапна година. Според „Ворлдатлас“, десет земји не го користат грегоријанскиот календар.

Дали треба да очекуваме промена?

Малку е веројатно дека ќе се направи промена во грегоријанскиот календар наскоро. Дури и да се појави оваа идеја, и била потребна согласност од светските лидери, а ќе се појават и многу дебати помеѓу астрономите и политичарите.

Сподели ја веста

Последни содржини