Денеска се одржува натпревар за најдобра ученичка компанија

Објавено: 10 мај 2019 - 09:23

Денес во Трговскиот Центар Веро-Џамбо, Скопје од 10:00 до 17:00 часот, Џуниор Ачивмент Македонија организира Национален натпревар на ученички компании, односно еднодневен настан на кој учениците од средните училишта од државава ги претставуваат производите и услугите кои ги развивале во рамките на својата ученичка компанија пред жири комисија и публика.

На натпреварот ќе учествуваат 20 ученички компании од 15 средни училишта кои доаѓаатод 11 града од целата територија на нашата земјата. Ќе се натпреваруват 100 средношколци со поддршка на 25 наставници од Скопје, Битола, Кавадарци, Кочани, Берово, Гевгелија, Куманово, Струга, Охрид, Прилеп и Ресен, додека над 50-тина поканети гости ќе го следат натпреварот. Во рамките на настанот учениците предводени од одговорниот наставник имаат можност да презентираат што сработиле во текот на учебната година на штандовите кои се поставени во трговскиот центар. Брендирани со свој штанд, име и лого на компанијата, секоја ученичка компанија ќе се обиде да ја импресионира жири комисијата со својата бизнис идеја и да се натпреварува за наградниот фонд обезбеден од организаторот.

На присутните ќе им се обратат: г-дин Арбер Адеми, министер во Министерството за образование и наука, г-дин Крешник Бектеши, министер во Министерството за економија,г-дин Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, г-дин Едвард Гонзалез, директор на Канцеларијата за општ развој на УСАИД во Република Северна Македонија, како и г-ѓа Љупка Панчевска, извршен директор на Џуниор Ачивмент Македонија.

Во рамки на програмата, како една од главните цели, Џуниор Ачивмент Македонија преку тимска работа и дружење ги учи и ги поддржува младите луѓе во стекнување напрактично искуство за водење бизнис, финансиска писменост, подготвеност за работа и претприемништво и отвора нови можности за вработување.

Натпреварот е поддржан од Американската агенција за меѓународен развој УСАИД, а го реализира организацијата Џуниор Ачивмент Македонија – член на светската мрежа Junior Achievement Worldwide, која е основана во 1919 година./inovativnost.mk

Сподели ја веста

Последни содржини