Чија комисија е поскапа: На Гоце или на Александар? [ФОТО]

Објавено: 09 декември 2019 - 07:18

По 300 евра за членовите и 400 евра месечен хонорар за претседателот на македонскиот тим во македонско-бугарската Комисија која го спроведува  договорот за добрососедство, покажуваат документите со кои располага Вечер.мк.

Претседател односно координатор на македонскиот тим е академик д-р Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ.

Според документите со кои располага Вечер.мк тој зема месечен надомест од 400 евра за да биде шеф на македонскиот тим во мешовитата македонско-бугарска комисија.

 

Во македонско-бугарската комисија членуваат и професорите од ИНИ – Ванчо Ѓорѓиев, Петар Тодоров, Дарко Стојанов, како и историчарот Александар Литовски од Националната установа Завод и музеј – Битола. Членови на Комисијата се и професорката Љубица Спасовска, научен соработник на Универзитетот во Ексетер, Велика Британија и Љупчо Ристески – антрополог, професор на Институтот за етнологија и антропологија на УКИМ.

Овие членови добиваат по 300 евра месечен надомест. Во договорите за сите е наведено дека им следуваат дневници и покриени патни трошоци, како и простории за одржување состаноци. Во договорите е наведено дека ќе добиваат 11 хонорари годишно.

Овие договори за хонорари (за Бугарија) се потпишани во јуни 2018 година. Само четири месеци подоцна, во октомври истата година, министерот Никола Димитров потпишува Договори за хонорари три пати поголеми (или 200%) со членовите на македонскиот тим во Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти со нашиот јужен сосед Грција.

Професорите Далибор Јовановски, Никос Чаусидис, Људмил Спасов, Ана Чупеска Станишковска, Фахри Рамадани и Кица Колбе, се членовите на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти (ЗИКЕ) за историски, археолошки и образовни прашања од македонска страна, на чело со амбасадорот Виктор Габер.

Виктор Габер зема колку претседателот Стево Пендаровски, 1.200 евра месечно, додека останатите членови по 1.000 евра, за период од 12 месеци, покажуваат документите.

Министерот Димитров потпишал вакви договори за месечен хонорар од 1.000 евра и со професорот од Филолошкиот Факултет Људмил Спасов, со доцентот од Правниот факултет Ана Чупеска, со професорот од Институтот за историја и археологија Никос Чаушидис, како и со професорот Фехари Рамадани од Универзитетот во Тетово. 

  • амб. Виктор Габер (пензионер) = 1.200 евра
  • проф. Људмил Спасов (Филолошки факултет) = 1.000 евра
  • доц. Ана Чупеска Станишковска (Правен факултет) = 1.000 евра
  • проф. Никос Чаушидис (Институт за археологија) = 1.000 евра
  • проф. Фехари Рамадани (Ун.Тетово, Катедра за историја) = 1.000 евра

 

 

Сподели ја веста

Последни содржини