Чулев назначил началник на СВР Тетово во изборен период и без потпис на Петровска

Објавено: 18 февруари 2020 - 14:37

Противзаконски во изборен период, и без потпис од дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев вчера го назначил Гоце Јанкулоски за началник на СВР Тетово.

Петровска во изјава за „Локално“ истакна дека поради законските пречки, односно поради назначување во изборен период, таа одбила да го потпише назначувањето, со што Чулев го прекршува и Законот за влада, каде е јасно наведено дека за назначувањето мора да има потпис и од дополнителниот заменик-министер.

„Прептоставувам дека е свесен за тоа, но за жал тоа е негово толкување. Јас не потпишав од тие причини, бидејќи Законот е јасен“, вели Петровска во изјава за „Локално“.

Чулев оваа 15-та и последна измена можеше да ја направи до неделата во 17:00 часот, кога по распуштање на Собранието, собранискиот спикер Талат Џафери ја  потпиша и испрати одлуката за распишани избори до Државната изборна комисија, со што земјата официјално влезе во предизборен период.

Сподели ја веста

Последни содржини