Кузеска: Истражувачка сторија открива дека 2,5 милиони евра од Унгарија завршиле во ТВ Алфа и три портали

Објавено: 20 февруари 2020 - 13:38

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска, на прес-конференција објави дека постои истражувачка сторија, според која голема количина пари завршиле кај медиуми блиски до опозициската ВМРО-ДПМНЕ. 

Во продолжение ви го пренесуваме интегралниот текст: 

Еден медиум во Словенија неодамна објави истражувачка сторија во која откри дека сума од два и пол милиони евра од Унгарија завршиле во телевизија Алфа и во три интернет портали Курир, Лидер и Нетпрес, сите познати по ширењето лажни вести и манипулации.

Тоа се истите медиуми кои режимот на Груевски со години ги финансираше со државни пари за да го одржуваат на власт. Сега неговиот ученик Мицковски продолжува со странски, црни пари да ги финансира партиските мегафони за да шират антидржавна медиумска кампања.

Оваа прес конференција е со цел да ги повикаме јавните обвинители да постапат по објавените информации за нелегални пари од надвор кои завршуваат во медиумите. Ние сме правна држава и законите мора да важат за сите подеднакво.

Како што открива новинарското истражување овие пари од Унгарија се користат за црна кампања против успешните политики на СДСМ. Поконкретно, медиумите на Мицковски имаат задача да го поткопуваат Договорот со Грција и со текстовите негативно да влијаат на членството во НАТО. Што значи мисијата на медиумите и сомнителните унгарски пари е антидржавна и ги загорзува европските аспирации на државата.

Сега е јасно како Центарот за лаги и манипулации на опозицијата продуцира толку лажни случаи против Владата, ги пласира во медиумите под нивна контрола, а потоа ги прераскажува од белиот дворец. Ним очигледно им помагаат надворешни анти- државни фактори, коишто со корумпирање на медиумите, ја загрозуваат демократијата и европската иднина на државата.

Праксата со корумпирање на медиумите беше одлика на 11 годишното режимско владеење на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и неговиот советник Христијан Мицкоски. Но, таа одлика и како опозиција ја продолжува сега извршителот Мицкоски во спрега со азилантот Груевски од Будимпешта, центарот од кој се слеваат црните пари.

Како одговорна и демократска партија, СДСМ е посветена на унапредување на слободата на говорот и слободата на медиумите, но, истовремено и на борба против лажните вести и измислици, како и сомнителното финансирање медиуми.

 

 

Сподели ја веста

Последни содржини