Тркалезна маса на мисијата на ОБСЕ: Македонците сакаат загарантирани права во албанскиот Парламент

Објавено: 26 септември 2019 - 14:47

Вакво барање истакна Васил Стерјовски, претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) што е единствена партија на Македонците во соседна Албанија на тркалезната маса во организација на мисијата на ОБСЕ во Тирана на тема „Негирани од системот“. Во дебатата учествувале и пратеници од актуелниот состав на албанскиот Парламент, претставници на политички партии и на граѓанскиот сектор. 

„Ако во Албанија има некој кој е негиран од системот, тоа се малцинствата. Го истакнав тоа во моето обраќање пред присутните во име на Македонската алијанса за европсмка интеграција. Со исклучок на грчкото малцинство што е традиционално застапено во албанското Собрание, другите малцинства како македонското, српското, цроногорското, бошњачкото, влашкото и египќанското се политички незастапени во законодавниот дом во последните 30 години“, коментира Стерјовски.

Затоа, вели Стерјовски, време е малцинствата и во Албанија да имаат загарантирани права во Собранието по примерот на голем број европски држави кои имаат обезбедена квота на мандати во националните парламенти што е една од целите на МАЕИ. Тој верува во изнаоѓање на политичка волја за такво нешто за што очекува поддршка и од САД и Европската унија како стратешки партнери.

Стерјовски во мај оваа година стана прв пратеник во албанскиот парламент од редови на македонска партија, но и прв пратеник што јавно се декларира како Македонец. Во пратеничкиот состав влезе како петти на листата на кандидати во Корча по откажувањето на пратениците од коалицијата предводена од Социјалистичкото движење за интеграција чиј член пред две години беше и МАЕИ.            

Сподели ја веста

Последни содржини