Во Словачка може да се заработи и до 700 евра, но внимавајте на измамниците кои ветуваат работа

Објавено: 27 март 2018 - 08:00

Вреден македонски работник во Словачка може месечно да заработи од 600 до 700 евра, вели скопјанецот Стојан Т. кој работел изминатиов период  во помал град во западниот дел на земјата.

Тој раскажува дека во огласник пронашол оглас за работа во Словачка, по што заминал да работи во фабрика за автомобилски делови. Вели дека во Словачка им недостигаат работници, затоа што младите се иселени во Германија или некоја друга европска држава за повисоки плати, а нивното старо население не може да ги задоволи потребите на пазарот на трудот.

„Тој што е вреден и снаодлив, ќе заработи и ќе заштеди. Парите едноставно не ги даваат за џабе. Таму се знае кога е пауза, и не можат работниците да забошотуваат или да се шетаат. Не се оди низ фабриката, туку сè е на трчање.  Газдите ни беа Корејци и од работниците кои пристигнаа имаа шанса да бираат, но бараа луѓе кои се одговорни, вредни, посветени, чесни, способни за работа“- вели скопјанецот.

Овој човек генерално е задоволен, но вели дека не е сè така сјајно.  Тој додава дека оние кои имаат план да заминат на работа во Словачка, мора многу да внимаваат да не бидат жртви на измама. Како пример наведува дека кога тргнале од Скопје, во автобусот имало 59 патници, но откако стигнале дел сами се откажале, а дел биле вратени, или пак се јавил проблем со тоа што за еден час работа им се ветувале по 5-6 евра, а потоа испаднало дека сумата која ќе им биде исплатена е помала. На луѓето  им советува да не наседуваат, а додава и дека имало и српски работници од Војводина  кои биле измамени и оставени на цедило.

„Има посредници кои знаат да си ја „продадат“ својата приказна, ќе им платат луѓето за превоз до Словачка, тие ќе си ги стават парите в џеб, а потоа таму ве пречекува друг нивни пријател за работа и понатаму со него се договарате. Сепак, мора да се поведе сметка, затоа што има луѓе кои сакаат да работат, сериозни се, ги даваат последните пари за да заминат, а потоа да бидат измамени не е во ред“- додава скопјанецот.

Тој смета дека луѓето кои манипулираат со работниците  нудејќи им работа во странство, треба да бидат санкционирани, затоа што познава и луѓе кои биле измамени.

И во регионот, во Србија и Црна Гора веќе втора година се регрутираат работници за во Словачка за што на интернет има многу огласи. 

Сања Атанасовска

Текстот е преземен од faktor.mk

Сподели ја веста

Последни содржини